ШИБЕНИК, ОМАН И ОКИНАВА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ДЕСТИНАЦИИ ЗА ПАТУВАЊЕ ВО 2027 ВО ИЗБОРОТ НА „ЛОНЛИ ПЛАНЕТ“

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Угледниот сајт за патувања „Лонли планет“ ја состави својата традиционална листа на најдобри дестинации за патување во 2027, која се состои од 25 места што мора да се посетат и 25 најдобри искуства во следната година.

Хрватскиот град Шибеник (фото) е едно од петте места во Европа што треба да се видат во 2027, заедно со Венето (Италија), Сканер-Фалстебро (Шведска), Леон (Шпанија) и Десау (Германија).

Од Северна Америка се избрани Квебек и островот Принц Едвард во Канада и Мериленд, Ново Мексико и калифорниските крајбрежни секвои во САД, а во Јужна и Централна Америка се препорачуваат Монсерат, Гранада (Никарагва), Бокас дел Торо (Панама) и езерата на Барилоче (Аргентина).

Најдобрите места во Азија за 2027 се Окинава (Јапонија), Ченгду (Кина), Гуџарат (Индија), Дананг (Виетнам) и Фулиду (Малдиви), од Африка и Блиски Исток на листата се најдоа Оман, Рабат (Мароко) и националните паркови Цаво во Кенија, а од Океанија се избрани Данедин и Ваитаки (Нов Зеланд), Твид (Австралија) и Нова Каледонија.

„Лонли планет“ избра и 25 искуства што треба да се пробаат во 2027, што вклучува истражување на подводниот свет во Грција, патување низ историјата по патот на Наполеон во Франција, океанска авантура во Француска Полинезија и посета на музеите на Абу Даби.