Пејачот Давид Темелков вчера (2 ноември) го промовираше видеоспотот за песната „Дом“, со која настапи на 41. издание на Макфест во Штип. Во спотот играат актерите Владо Јовановски и Марија Кондовска. Гостите на промоцијата со голем аплауз го пофалија видеото.
Темелков е автор на музиката, текстот и аранжманот на песната, како и на сценариото и режијата на спотот. Песната зборува за заминувањето од родната земја, носталгијата и поврзаноста со домот.
„Сакав да снимам со домашни актери, со најдоброто од Македонија. Тие се подобри од холивудските актери“, рече Темелков пред прикажувањето на спотот.
Јовановски кажа дека соработката започнала откако Темелков му се јавил од странство и му ја претставил идејата.
„Кога ја слушнав песната, знаев дека ова ќе биде голем хит. Давид е комплетен автор, од текстот, музиката и аранжманот до режијата на спотот. Ние со Марија сме по едно камче во големиот мозаик“, рече Јовановски.
Актерот зборуваше и за пораката на песната, за младите кои заминуваат од Македонија.
„Би сакал оваа песна да ги потсети младите кои сакаат да заминат: нека одат, нека видат како е, нека се вратат и нека донесат нешто добро во оваа наша земја. Кога ќе заминеме, да знаеме каде и кому треба да се вратиме“, рече Јовановски.
Кондовска кажа дека снимањето поминало во одлична атмосфера и дека е воодушевена од талентот на Темелков.
„Волшепство се случува кога тој пее. Исклучителен глас, исклучително племенита душа. Многу сум среќна што бев дел од овој процес“, рече актерката.
Продуценти се Темелков и Зоран Швигир-Швиги, миксот и мастерингот се направени во студиото „Шишмиш“ во Хрватска, а придружните вокали ги пеат Сузана Бранковиќ и Јелена Ѓуриќ од белградското студио „Пегарт“.
М. ЏАРОВСКА