Ристо Самарџиев се врати на сцената на Макфест во Штип, на 41. издание на фестивалот, по долги години пауза. Тој се пошегува дека е последниот мохиканец на фестивалот, потсетувајќи се на своите настапи низ годините.
„Макфест влезе во петтата деценија. Имам настапувано во првата, втората и третата деценија, четвртата ја прескокнав како пејач, бев присутен само како автор, а сега се вратив во петтата. Изгледа јас сум последниот мохиканец на Макфест“, рече Самарџиев.
Пејачот раскажа дека минатата година го следел јубилејното издание од публиката и од зад сцената и дека тогаш се родила идејата повторно да настапи.
„Минатата година, кога беше јубилејниот Макфест, седев во публиката и внимателно ја следев програмата. Тогаш се спомна дека можеби следната година ќе бидам на сцената и, еве, тоа се оствари. Мислам дека и фактот што фестивалот влезе во петтата деценија ме поттикна да се вратам. Последен пат настапив тука, мислам, во 2009 година, кога победивме со Дуле и Коки. Помина многу време оттогаш“, ни рече Самарџиев.
Тој најави дека ќе биде гостин на концертот на Никола Јанков-Коки на 14 ноември во Филхармонијата, каде што ќе се потсетат на заедничките музички моменти и на починатиот Дуле.
„Ќе се потсетиме на нашето дружење на Макфест и на сите убави моменти што ги поминавме заедно. Секако, ќе се потсетиме и на Дуле, во негова чест“, изјави Самарџиев.
На годинашниот Макфест, Самарџиев ја испеа песната „Да можам само да ја видам“. Тој е еден од најуспешните пејачи и автори во историјата на фестивалот со четири победи. Првпат победи во 1997 со „Таму кај што си“, во 1999 со „Песна за љубовта“, во 2007 со „Сè е исто како лани“ во дует со Ирена Крстевска и во 2009 со „За милион години“, заедно со Дуле и Коки.
Покрај четирите победи како пејач, Самарџиев има и авторски победи на Макфест. Во 2013 победи Александра Јанева со „Врати ми го сонцето“, во 2016 повторно Јанева со „За сто години“, во 2019 Мартинијан Кириловски со „Сто пати на ден“, а во 2021 Александар Тодороски со „Под исто небо“. Самарџиев е автор на музиката и текстот на овие песни, а на „За сто години“ соработувал со Владимир Дојчиновски-Дојчин. Со вкупно седум победи како пејач и автор, тој е еден од најнаградуваните учесници во историјата на фестивалот.
На 31 октомври, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип заврши 41. издание на Макфест. На финалната вечер беа изведени 18 песни, од кои шест се пласираа од првата вечер, а останатите 12 ги испеаја познати пејачи. Меѓу нив беа Јован Јованов и Тони Зен, Врчак и Симона Поповска, Огнен Здравковски, Елвир Мекиќ, Викторија Лоба и Давид Темелков. Водители на фестивалот беа Димитар Атанасовски и Маријана Станојковска.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Макфест