„Дозволете им на луѓето да видат дека сте убави одвнатре“, „Блескајте“, „Љубовта боли“, „Ова е песна за сите оние кои не се разбрани“, ѝ говореше Емели Санде на македонската публика на синоќешниот концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Триесет и деветгодишната шкотска пејачка и авторка, која за првпат настапи во Скопје, секоја песна ја најавуваше со кратка порака, не пропуштајќи да ѝ се заблагодари на публиката за топлиот прием и гостопримството.

Санде има исклучително моќен глас, но и способност со леснотија да ја пренесе емоцијата. Таа приреди емотивен концерт со песни за љубовта, болката и себеприфаќањето, а публиката во еден глас ги пееше нејзините најголеми хитови.
Првиот соло сингл „Heaven“ го објави во 2011 година. Нејзиниот деби-албум десет недели беше на врвот на британската топ-листа и стана најпродаваниот британски албум во 2012 година.
Санде беше гостинка на музичкиот фестивал „Скрим“, во организација на „Прагма продукција“.

Кантавторката Мијата, придружувана од својот бенд, со силниот вокал го отвори концертот и ја загреа публиката, а музичката вечер заврши со дуото „Дупер“. Гитаристот Борис Какуринов и пејачот Илчо Нечовски со автентичниот стил и непосредноста го градеа својот пат до популарноста, кој започна со песната „Не сум твој тип“ во 2018 година, голем хит што се слуша и денес. „Дупер“ денес е веќе афирмиран бенд со бројна публика, која со радост ги дочекува нивните настапи и ужива во нивните песни.
