БРИТНИ СПИРС МУ СЕ ИЗВИНИ НА СЕМЕЈСТВОТО ЗА НЕСОГЛАСУВАЊАТА

САД, (Пипл)

Поп-ѕвездата Бритни Спирс му се извини на своето семејство за јавните обвинувања и несогласувањата од минатото.

„Многу ми е жал што повторно отворав стари теми, но мислам дека го правев тоа затоа што сфатив дека морам да го заштитам своето срце“, напиша 44-годишната пејачка на Инстаграм.

Спирс кажа дека понекогаш била тврдоглава и дека ѝ недостига семејството.

„Мојата тврдоглавост е детинеста и срамна. Жал ми е што ги враќав тие спомени, но никогаш не сум разговарала со нив лице в лице за тоа. Едноставно, многу ми недостигаат“, напиша таа.

Објавата следува по долгогодишните несогласувања со нејзините родители и сестрата Џејми Лин. Пејачката претходно јавно ги критикуваше членовите на семејството, особено во врска со 13-годишното старателство под кое живееше до 2021 година.

Во 2008, Спирс беше ставена под судско старателство, со кое нејзиниот татко Џејми имаше контрола врз важни аспекти од нејзините приватен живот и финансии. Старателството заврши во ноември 2021 по долга правна битка.

Спирс во 2023 ја објави автобиографијата „Жената во мене“, во која пишуваше за славата, семејните односи и годините поминати под старателство.