ФУДБАЛЕРОТ РАХИМ СТЕРЛИНГ СИ ИСТЕТОВИРА АВТОМАТСКА ПУШКА ВО ЧЕСТ НА ТАТКО МУ

Лондон, (Би-Би-Си)

Англиската фудбалска ѕвезда Рахим Стерлинг ја шокираше британската јавност, откако пред Светското првенство во Русија се пофали со новата тетоважа на автоматска пушка.

Активистите против оружјето го нападнаа играчот на Манчестер сити, сметајќи дека неговата тетоважа на пушката М16 е „целосно неприфатлива и одвратна“.

Стерлинг кажа дека никогаш во животот не допрел оружје, појаснувајќи дека тетоважата ја направил во чест на татко му.

„Кога имав две години, мојот татко беше убиен со огнено оружје и си дадов ветување дека никогаш во животот нема да допрам оружје. Јас шутирам со десната нога, па тетоважата има подлабоко значење за мене, а и сѐ уште не е завршена“, кажа Стерлинг, кој е роден во Јамајка.

Меѓу критичарите имаше и такви кои повикаа Стерлинг да биде исфрлен од репрезентацијата пред Мундијалот.

„Тој треба да биде пример за младите, но избра да величи оружје“, изјави Луси Коуп, основач на групата „Мајки против оружје“.