Неодамнешното деби на „актерка“ создадена со вештачка интелигенција наречена Тили Норвуд предизвика бурни реакции од Американското здружение на филмски и телевизиски актери (САГ-АФТРА), кое ја осуди замената на вистинските актери со синтетички. Креаторите на Норвуд кажаа дека некои филмски студија веќе покажале интерес за неа.
Тили Норвуд беше претставена пред неколку дена на конференција за филмска индустрија во Цирих. Притоа беше прикажана во кратко пародично видео за снимање на ТВ-серија со вештачка интелигенција (ВИ).
„Јас можеби сум ВИ, но моментално чувствувам вистински емоции. Едвај чекам да видам што е следно“, кажа Тили.
Холандската актерка и продуцентка Елине фан дер Фелден, чие лондонско студио за ВИ „Партикл6“ ја создаде Тили, изјави дека проектот веќе почнал да привлекува интерес. „Вараети“ ја цитираше Фелден дека Тили би можела да потпише договор со талент агенција во следните месеци, што би бил прв таков случај. Фелден изјави дека Норвуд би можела да биде следната Скарлет Јохансон.
Загриженоста за заменувањето на холивудските актери и сценаристи со сценарија и изведувачи генерирани од ВИ беше важно прашање во најновата рунда преговори на САФ-АФТРА со филмските студија и стриминг платформите.
„Норвуд не е актерка, туку лик создаден од компјутерска програма која е обучена врз основа на работата на безброј професионални изведувачи. Нема животно искуство, нема емоции и од она што го видовме, публиката не е заинтересирана да гледа компјутерски генерирана содржина независна од човечкото искуство“, соопшти САГ-АФТРА.
Британската актерка Емили Блант кажа дека Тили е застрашувачка креација.
„Тоа е вештачка интелигенција? Боже, пропаднавме. Тоа е навистина, навистина страшно. Ајде, агенции, не правете го тоа. Ве молам, престанете да ни ја одземате човечката врска“, рече Блант.
(Фото: Партикл6)