Германското село Етелн е избрано на меѓународен конкурс за најдобро дигитализирано населено место во светот. Етелн, кој има 2.000 жители, изгледа како типично германско село, само што не е такво.
Ова село во сојузната покраина Рајна-Вестфалија е целосно дигитализирано. Жителите можат преку селска апликација бесплатно да користат градски електрични автомобили „EttCar“, да купуваат и продаваат и да се информираат за сите активности во својата заедница.
„Половина од жителите на селото ја имаат апликацијата на своите телефони. Останатите можат да се служат со неа преку екраните поставени низ селото. На нив може да се види и кој што продава, а има и покани за настани“, вели началникот на селото Улрих Але.
Во селото владее заедништво, поради што дигитализацијата функционира. Але е поранешен менаџер и ај-ти експерт кој со жителите редовно расправа за идните проекти, како дронови за пожарникарите и видеосоветување со локалниот лекар.
„Беше големо задоволство да се гради нешто заедно и мислам дека завршивме добра работа“, вели Але.

Трансформацијата започнала во 2012, кога на селското училиште му се заканувало затворање поради малиот број запишани ученици. Наместо да го прифатат неговото пропаѓање, жителите го основале здружението „Етелн актив“, кое успешно лобирало училиштето да остане отворено, што ја поттикна дигиталната ренесанса на селото.
Еден клучен момент се случил во ковид-пандемијата во 2020. Кога од воведувањето на оптички кабел биле исклучени 55 домаќинства на периферијата на селото, локалната самоуправа се спротивставила на цената од 2,5 милиони евра за нивно поврзување и селаните ги зеле работите во свои раце.
„Шеесет и пет луѓе се пријавија како волонтери. Земјоделците донесоа трактори, локалниот стрелачки клуб ги ископа рововите, членовите на црквата го поставија кабелот. По 3.500 работни часа се погриживме брзиот интернет да стигне до последниот објект во селото и сега сите се поврзани со оптички кабел“, се присети Але.