За љубителите на архитектурата, главниот град на Азербејџан, Баку, располага со неверојатен спектар на чуда направени од човекот, стари и нови. Мешавината од влијанијата од истокот и западот создаде град кој истовремено ѝ оддава почит на својата архитектонска историја и гледа кон иднината.
Стариот утврден град на Баку е на листата на светско културно наследство на УНЕСКО и таму се наоѓаат два од најстарите и историски најважни објекта: Девствена кула, за која се верува дека била довршена во 12. век и Ширваншаховски дворец од 15. век, од каде што има поглед кон едно од модерните архитектонски чуда, Пламени кули.

Тие се најзабележителниот модерен додаток на градската панорама на Баку. Изградбата на трите облакодери почна во 2007 и траеше шест години. Сите три имаат различна намена: еден е станбена зграда, друг хотел, а трет е деловен.
Кога Азербејџан се осамостои во 1991 година, се појави амбиција градот да стане светски центар на модерната архитектура. Еден од најдобрите примери за тоа е центарот „Хејдар Алиев“, дизајниран од легендарната архитектка Заха Хадид. Тој беше довршен во 2006 и ја најави новата ера на Баку.

Друго значајно обележје е џамијата „Хејдар“, чиј изглед е посвета на древниот азербејџански архитектонски стил.
Мала Венеција е област со вештачки направени канали, а Музејот на теписи има облик на завиткан тепих. Отворен во 2014, тој е посветен на Латиф Каримов, најпознатиот азербејџански уметник на ткаењето теписи.

Кулата „СОКАР“ се, всушност, две 209 метри високи кули кои се обвиткуваат една околу друга. Седиште на државната нафтена компанија, таа е дизајнирана да биде отпорна на ветрови до 190 километри на час и на земјотреси со јачина од девет степени според Рихтерова скала.

Кристалната сала е изградена во 2002 година со цел да биде домаќин на Евровизија, а денес е концертна и спортска сала со капацитет од 25.000 гледачи.