Големиот египетски музеј во Каиро, најголемата археолошка установа на светот посветена на една цивилизација, конечно ќе се отвори утре (1 ноември) откако во негова изградба биле вложени една милијарда долари.
Сместен близу пирамидите во Гиза, музејот зафаќа површина од 470.000 квадратни метри. Комплексот беше најавен во 1992, но изградбата започна дури во 2005 година. Некои делови од музејот беа отворени минатата година.
Во музејот ќе се најдат повеќе од 50.000 предмети, вклучувајќи ги и 83 тони тешката статуата на Рамзес Втори стара 3.200 години и брод стар 4.500 години, кој му припаѓал на Куфу, фараонот на кого му се припишува изградбата на пирамидите.

Музејот вклучува 24.000 квадратни метри постојан изложбен простор, детски музеј, конференциски и образовни објекти, комерцијална зона и голем центар за конзервација. Во 12-те главни галерии, кои беа отворени минатата година, има антиквитети кои опфаќаат период од праисторијата до римската ера, организирани по ера и тема.
Ахмед Гонеим, извршниот директор на музејот, изјави дека салите се опремени со напредна технологија и нудат мултимедијални презентации, со цел безвременското египетско наследство да се спои со креативноста на 21. век.
Свеченото отворање досега беше одложено неколкупати, последно во јули поради конфликтите на Блиски Исток. Се очекува светски лидери да присуствуваат на церемонијата на отворањето заедно со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.
(Фото: АП)