Лондонското студио „Перкинс енд Вил“, во соработка со „Рафаел де Ла-Хос“ од Мадрид, победи на меѓународниот конкурс за дизајн на новата зграда на Европската комисија во Брисел. Во новото седиште на владата на Европската Унија ќе работат 5.250 луѓе.

Во појаснувањето на жирито се вели дека „овој дизајн бил избран затоа што понудил модерно, еластично и иновативно решение како замена за досегашните дотраени објекти“.

Новиот комплекс на Европската комисија ќе се гради на местото на сегашното седиште, а работните простории ќе се комбинираат со јавни градини, продавници и уметничка галерија, со цел просторот да се унапреди како за вработените, така и за мештаните.

Во споредба со постојните згради, новите ќе произведуваат 50 отсто помалку јаглероден диоксид и ќе трошат 70 отсто помалку енергија.