Млад британски дизајнер освои награда од 50.000 долари откако создаде евтина куќа од бамбус, која треба да биде решение за проблемот со домувањето во сиромашните населби во Филипини.

За изградба на куќата на Ерл Патрик Форлалес се потребни само четири часа, а цената од 50 фунти по квадратен метар ја прави достапна за многумина.

„Ова е функционален дом, но е повеќе од обична куќа. Таа е дизајнирана така што отпадот од заедницата го претвора во енергија и во други вредни ресурси“, изјави 23-годишниот Форлалес.

Роден во Манила, Форлалес планира да ги искористи парите од наградата од конкурсот „Градови за нашата иднина“ за да го почне својот проект наредната година. Манила има 12 милиони жители, од кои четири милиони живеат во сиромашни сламови.

Форлалес вели дека за дизајнот се инспирирал од куќите од бамбус од селото на дедо му. Бамбусот е еколошки материјал, испушта 35% повеќе кислород од дрвјата и може да се собира секоја година без да се оштетува почвата. Куќата ќе има накосен покрив, со што ќе се овозможи собирање на дождовница.