Кинеските сајтови за продажба ги повлекоа од својата понуда сите производи на „Долче и Габана“, откако се засилија реакциите на нејзина контроверзна реклама во која се исмеваат Кинези.

Италијанската компанија оваа недела објави спот во кој е прикажан кинески модел како се мачи да јаде паста и пица со стапчиња, што беше сфатено како тривијализирање на кинеската култура и промовирање стереотипи. Локални јавни личности притоа повикаа на бојкот на производите на прославениот италијански бренд.

„Имаме голема почит кон Кина и кон кинескиот народ“, стои во извинувањето на компанијата.

„Долче и Габана“ го откажа учеството на модното шоу во Шангај, а денеска, сите нејзини производи беа повлечени од кинеските интернет платформи, што би можело да ја оддалечи компанијата од еден од најголемите пазари за луксузни производи на светот. Побарувачката по нив во Кина пораснала за 22% оваа година.

„Рекламата на ‘Долче и Габана‘ ги збуни кинеските купувачи и покажа дека компанијата не ги разбира. Тие сакаат бренд што ќе ги познава и ќе ги прави да се чувствуваат важни“, изјави Алина Ма, директорката на истражувањето на пазари од фирмата „Минтел“.