РОТЕРДАМ ЌЕ ДОБИЕ НОВО ОБЕЛЕЖЈЕ ОД 240 МИЛИОНИ ЕВРА, ЌЕ ИМА ФОРМА НА СЕДУМ ЏИНОВСКИ КАМЕЊА

Ротердам, (Дезин)

Холандското архитектонско студио „МВРДВ“ победи на конкурсот за дизајн на ново обележје на Ротердам, кое ќе чини 240 милиони евра. Дизајнот ќе има форма на седум џиновски камења наредени еден врз друг на брегот на реката Мас, каде што ќе има тераси, изложбени простори и зеленило.

Објектот што ќе зафаќа 30.000 квадратни метри ќе биде дел од новата населба Ватеркант, која треба да има над 3.500 домови, училишта, железничка станица и деловни, културни и рекреативни простори. Седумте наредени камења ќе бидат распоредени околу две кружни патеки и серија „пештери“, што ќе содржат изложбени и угостителски простори.

Трета рута ќе ја обвиткува надворешноста на објектот, обезбедувајќи уште една изложбена зона наречена „Елизиум“ и тераса со поглед на градот.

Деталите за градежните материјали засега не се објавени.