Опишан како музеј на иднината, Ротердам денеска ја отвора новата зграда на музејот „Бојманс фан Бојнинхен“, во кој постојано ќе биде сместено уметничкото богатство на двајца холандски колекционери.

„Депо“, всушност, е складиште во кое ќе бидат изложени 151.000 предмети и уметнички дела, од Ван Гог до Дали, од кои во стариот музеј „Бојманс“ јавноста можеше да види само 4% на постојани или привремени изложби.

(Фото; Бојманс)

Во новата зграда, обложена со стотици огледала, делата ќе бидат распоредени на шест спрата, а посетителите ќе мора да носат заштитни мантили. Тие ќе можат да ги гледат реставраторите како работат и да се движат низ пет различни климатски зони, приспособени за метал, пластика, хартија и црно-бела и колор фотографија, што овозможува артефактите да бидат складирани и изложени на соодветни температура и влажност.

Музејот содржи над 63.000 слики, скулптури, фотографии, филмови, инсталации и прединдустриски и дизајнерски предмети, како и 88.000 цртежи и принтови. Поради недостиг на курирање, од музејот се надеваат дека посетителите ќе доживуваат авантура додека разгледуваат наоколу.

(Фото: Бојманс)

„Ќе одите низ колекцијата како кога отиде во библиотека барајќи една книга, а наоѓате три. ‘Бојманс‘ поставува глобален тренд. И други престижни музеи планираат своја верзија на складиште“, вели Сјарел Екс, еден од директорите на музејот.

Изградбата на музејот чинела 55 милиони евра. Рефлектирачката фасада е направена од 6.609 квадратни метри стакло. поделено на 1.664 панели.