СРЕДЕ РУРАЛНА ОБЛАСТ ВО ДАНСКА ЌЕ СЕ ГРАДИ НАЈВИСОКАТА ЗГРАДА ВО ЗАПАДНА ЕВРОПА

Копенхаген, (Гардијан)

Данскиот моден гигант „Бестселер“ ќе го пресели своето седиште во нов облакодер, што ќе биде нова највисока зграда во Западна Европа. Тој ќе се гради во руралната област Јутланд и сè додека оваа компанија ги немаше објавено плановите за изградба на 320 метри високиот објект, голем број луѓе во Данска немаа идеја каде се наоѓа Бранде, град со 7.000 жители.

Кулата „Бестселер“, дизајнирана од познатото архитектонско студио „Дорте Мандруп“, не само што ќе биде највисока зграда во Данска, туку и во цела Западна Европа, надминувајќи го Шард во Лондон за 10,4 метри. Таа за четири метри ќе биде пониска од Ајфелова кула.

„Тоа ќе биде обележје што ќе го стави Бранде на мапа“, изјави шефот на изградбата Андерс Крох Вогдруп, откако локалните власти го одобрија проектот минатиот месец.

Основан во 1975 година, брзорастечкиот бренд „Бестселер“ одамна ги надмина своите локални рамки. Неговиот сопственик Андерс Холх Поулсен денес е најбогатиот човек во Данска, чии брендови „Веро модо“ и „Џек енд Џонс“ се раширени низ цел свет.

Ова нема да биде прва рурална кула во светот. Во 1991 година, зграда од 41 спрат беше крената среде полиња во Јапонија. Сепак, околината на Бранде е толку рамна, што „Бестселер“ ќе биде видлива и од 60 километри. Кулата ќе содржи ресторани, апартмани, продавници, канцеларии и хотел.