„БУБА“ ДОБИВА НАСЛЕДНИК ВО ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ НАЛИК НА „ГОЛФ“

Јоханезбург, (ДПА)

„Фолксваген“ објави дека почнува со производството на првиот економичен електричен автомобил, за кој се надева дека ќе ја достигне популарноста на легендарната „буба“.

Шефот на развојниот оддел Франк Велш дал зелено светло за проектот во Јужна Африка, кадешто автомобилот со пет седишта досега се подготвувал. Со производството би требало да се почне во 2020 година.

Сѐ уште неименуваниот автомобил е замислен да биде народски и целосно електричен, со истите димензии како актуелниот „голф салун“. Тоа значи дека исто ќе биде долг 4,25 метри, но основата на тркалата ќе биде проширена, за да може да се вклучи новата технологија. Електричниот мотор ќе развива 204 коњски сили.

Со едно полнење на батериите, тој ќе може да помине 330 километри, а максималната брзина ќе му биде меѓу 160 и 180 километри на час.

Оригиналната „буба“, со мотор сместен во предниот дел, беше проект осмислен од Адолф Хитлер во 1938 година, за потоа да стане еден од најпродаваните светски модели на сите времиња.