Компанијата „Бладхаунд“ се откажа од проектот на најбрз автомобил на светот и суперсоничното возило сега може да се купи по цена на „ферари“.
Благодарение на млазниот погон на воениот авион „ролс-ројс јурофајтер“, „бладхаунд“ ќе можеше да постигне брзина од 1.600 километри на час, но компанијата од Бристол не успеа да најде финансиери за својот проект. Нејзината цел беше уривање на светскиот брзински рекорд од 1.228 километри на час.
Возачот Енди Грин вели дека возилото сега може да се купи за 250.000 фунти. Тој требаше да го вози на 18 километри долга патека во Јужна Африка.
„Ја комплетиравме основната структура на возилото, пустинската патека беше подготвена, само ни требаа финансиски средства. Беа потребни 25 милиони фунти за да може автомобилот да вози со максимална брзина“, кажа Грин.
На претходното тест-возење, лани на аеродромот „Њуквеј“, „бладхаунд“ постигна брзина од 320 км/час.
„Се надевам дека ќе имам можност да го возам. Ако некој има четврт милион фунти, ова е совршен божиќен подарок за мене“, додаде Грин.