ПОТКУП ЗА ЛЕКАР НЕ Е ОБВРСКА – ПОЧНА ПРОЕКТОТ ПРИЈАВИ КОРУПЦИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Никогаш не мислев дека да се биде здрав, зависи од пари. Помислив на стотина случаи, каде лекарот ја одложил операцијата, само затоа што пациентот не дал поткуп. Ова не е фер и oва не треба да се случува“, вели студентка која сака да остане анонимна, која со проектот Пријави корупција ја споделила својата приказна за лекар кој зел поткуп од нејзините родители за да ја оперира.

Проектот е на Транспаренси Интернешнел – Македонија и Центарот за меѓународни односи, кој овозможува пријавување случаи на корупција во сите сфери, бесплатно преку СМС мрежата на Вип на 145-111, преку е-пошта, со пополнување на веб апликација, пријавување по телефон на (02) 3217-000 и преку Твитер со хаштагот #korupcijaMK.

„Кога ќе се сетам на себеси пред пет години, сфаќам дека јас, како и многу други граѓани во Македонија, не сум била свеснa за неправедниот третман што пациентите го добиваат, бидејќи единствената цел ми била да оздравам. Но, сега, кога можам да се навратам наназад, ми пречи тоа што лекарите постојано треба да бидат поткупувани за пациентите да бидат лекувани. Тоа не е фер, никогаш не ни било фер, но ако станеме покритични, состојбата можеби ќе се промени“, вели студентката, чии родители морале да платат поткуп во критична фаза за операција на крајниците.

„Денот кога требаше да се оперирам, заборавив на болката што ја имав од ужасот што гo видoв. Условите беа очајни, луѓе чекаа за преглед, а лекарите итаа по ходниците. Некој странец би помислил дека лекарите брзаат затоа што сакаат да бидат точни, но тоа не беше случај. Верувајте ми, дури и тие што беа последни вo редот, магично можеа да бидат први само ако на кратко успеаја да останат насамо со докторот. Докторот се насмевнува и оп, последниот станува прв. Непосредно пред операцијата се чувствував занемарена, но тогаш мајка ми му понудила пари на лекарот (за што во тој момент не бев свесна), и нема да поверувате, но состојбата одеднаш се смени. Добив фер третман, лицето на мајка ми беше задоволно, а докторот беше многу грижлив. Tогaш почнав да верувам во магија. Но, само неколку дена подоцна, сфатив дека парите владеат со здравствената заштита во многу случаи во Македонија“, вели таа.

Студентката вели дека има лекари во семејството и постојано ги слуша како се жалат колку нивната професија е потценетa, но смета дека пациентите не се одговорни за тоа и треба да бараат фер третман. Инсистира дека корупцијата треба да се пријавува за да се променат работите.

„Следниот пат кога ќе одите на лекар, немојте да чувствувате обврска да дадете поткуп за да добиете чесна услуга. Парите можат да ве спасат ако имате среќа, но има и такви кои ќе треба да платaт со својот живот“, вели таа.

Проектот Пријави корупција, финансиран од Амбасадата на Канада, е алатка која овозможува пријавените случаи на коруптивно однесување во секоја јавна сфера да бидат достапни и видливи за јавноста.

„Нашата веб страна ПРИЈАВИКОРУПЦИЈА.ОРГ им овозможува на корисниците да ги прегледаат доставените пријави на сајтот, категоризирани по тип на корупција, но и самите да пријават случај. Веб страната е изработена со Ушахиди (Ushahidi), алатка развиена за демократизација на информации, зголемување на транспарентноста и намалување на бариерите за физички лица кои сакаат да ги споделат своите приказни“, велат од проектот и додаваат дека анонимноста на пријавата е загарантирана.

„Известувањето за коруптивен случај е лесен процес и се врши со испраќање на текстуални пораки, мултимедијални датотеки, електронска пошта или преку јавување на телефон. Потврдената пријава и детали за неа ќе се појават на сајтот, а целосното излагање ќе остане анонимно за јавноста“, велат од проектот.