„Рено 5“ е прогласен за Европски автомобил на годината, откако се издвои од седумте финалисти. Името на победникот беше објавено на Автосаемот во Брисел.
„Рено 5“ беше убедлив победник на изборот откако освои 353 поени, следен од „киа ЕВ3“ со 291. Во финалето влегоа и „ситроен Ц3“, „дачија дастер“, „хјундаи инстер“, „купра терамар“ и „алфа ромео џуниор“. Жирито беше составено од 60 специјализирани новинари од 23 држави.
„Сите се чувствуваме неизмерно горди што ја добивме престижната награда Автомобил на годината. ‘Рено 5‘ ги прави електричните возила пожелни. Ако има еден автомобил со потенцијал да го трансформира пазарот на електрични возила, тоа е овој“, изјави шефот на „Рено“, Фабрис Камболив.