„КВИН“ Е ПРВ БРИТАНСКИ БЕНД КОЈ ДОБИ МОНЕТА

Лондон, (Ројтерс)

Британската кралска ковачница издаде комеморативна монета посветена на рок групата „Квин“.

„Ова е еден од оние моменти ‘кој би помислил дека ова ќе се случи’. Овде имам паричка од пет фунти од Кралската ковачница“, вели гитаристот Брајан Меј во видеоснимка во која држи сребрена монета.

„Од една страна ја имаме кралицата (Елизабета), а на другата страна ‘Квин’ (Кралица). Ова не се случило досега“, вели тој.

Сите британски монети и банкноти го содржат ликот на поглаварот на монархијата.

(Фото: Ројтерс)

На паричката ги има логото на групата и инструментите на кои свиреле членовите, а, како што велат од Кралската ковачница, дизајнерот Крис Фејси ставил и посвета на нивниот најголем хит „Боемска рапсодија“ преку типките на пијаното кои се притиснати така да ги означуваат првите ноти од песната.

Паричката е достапна во златна и сребрена верзија по цена од 13 фунти, а верзијата со 28 грама злато чини 2.100 фунти.

Монетата за „Квин“ е прва од претстојната колекција „Музички легенди“.