ХРИСТИЈАНИ И МУСЛИМАНИ ЗАЕДНО ВРТАТ МАЗНИК СО ПАРИЧКА НА ВАСИЛИЦА ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

И христијани и муслимани вртат традиционален битолски мазник со паричка на христијанскиот верски празник Василица во Битола, ако се најдат во заедничко друштво или на исти работни места. Празникот кој по традиција се одбележува на 13-ти јануари вечерта и 14-ти во семејствата, ги зближува граѓаните од различна вероисповед.

Обичајот да се врти мазникот и вербата дека на оној што ќе му се падне паричката цела година ќе го следи среќа, се повеќе се обнародува.

„На работа имаме и Албанец кој работи со нас подолго време. На прославата за Василица и тој дојде заедно со нас и ја имаше среќата кај него да се падне паричката. Некои од вработените иако христијани не дојдоа оти се замериле или скарале со некој од фирмата, ама колегата Албанец дојде и даде поддеднакво пари за софрата како и сите други верници што беа присутни“, вели Јане Николовски, сопственик на приватна компанија во Битола.

Освен во фирмите и во друштвата има бројни примери кога на прославите на Василица присуствуваат и лица од друга вера.

„Во друштвото имаме брачен пар Турци кои години живеат во Битола. Тоа што се од друг етикум и вера никогаш не ни пречело за да се дружиме, па не ни пречи да ги поканиме на Василица, а ни нив да дојдат. Дури и паричката им паѓаше на нив, па и дома организирале прослава со мазник за целото друштво“, вели битолчанецот Роберт Силјановски.

Се верува дека за Василица битолчани сукаат и јадат над 40.000 мазници. Освен во домашни услови, прославите се префрлија и во рестораните, каде василичарската прослава започнува од 12-ти и трае до 16-ти јануари. Ако некои друштва поради патувања надвор од градот и други обврски не можат да се соберат во овој период, мазници се  вратат и во февруари, само да останат верни на традицијата.

Во Битола се верува дека ако не се сврти мазникот со паричка во некој круг на пријатели, како да се распаднало друштвото. За време на пандемијата за да не се испушти адетот, пријателите вртеа мазник со паричка онлајн.

Ж.ЗДРАВКОВСКА