ЛА САГРАДА ФАМИЛИЈА ПО 137 ГОДИНИ ДОБИ ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА, ТРЕБА ДА БИДЕ ГОТОВА ВО 2026

Барселона, (Би-Би-Си)

Барселона конечно издаде градежна дозвола за една од своите најголеми туристички атракции, 137 години откако почна да се гради. Со добиената дозвола, градежните работи на катедралата Ла Саграда фамилија ќе можат да продолжат до 2026 година.

Непознато е зошто уникатната катедрала, дизајнирана од Антонио Гауди, досега немала добиено градежна дозвола, иако таа дури се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО. Лани беше постигнат договор катедралата да плати казна од 41 милион долари на градските власти.

Се очекува седумгодишната дозвола да биде доволна за комплетирањето на катедралата, што би се совпаднало со стогодишнината од смртта на Гауди.

„Овој договор става крај на една историска аномалија во нашиот град“, изјави шефот на градскиот урбанистички оддел Ханет Санс.

Околу 4,5 милиони луѓе годишно ја посетуваат Ла Саграда фамилија и уште 20 милиони доаѓаат во оваа област.