Од 21 до 30 март, во „Дајмонд ареа спејс“ во Скопје ќе се одржи меѓународната дизајнерска резиденција „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“. Настанот ќе обедини десет модни дизајнери од нордиско-балтичкиот регион и од Македонија. Финалните дела ќе бидат претставени на изложба во рамките на Моден викенд Скопје од 27 до 29 март.
„Обединети околу заедничката заложба за одржливост како долгорочна и суштинска практика, учесниците ќе создадат платформа за креативна размена, иновација и културен дијалог“, велат организаторите.
Учесниците доаѓаат од Норвешка, Литванија, Шведска и Финска, а од македонските дизајнери ќе се претстават Андреа Атанасова, Ивона Мицановска, Ева Давкова, Марија Роглева и Солза Поповска. Менторка на резиденцијата е Ирина Тошева.
Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска, во партнерство со Амбасадата на Литванија во Македонија, амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија и Македонското модно здружение, со поддршка од Нордискиот совет на министри.
„Амбасадата на Шведска во Скопје со гордост ја иницираше иницијативата што ги поврзува младите креативци од нордиските, балтичките и балканските земји, со цел да поттикне промени за поголема одржливост во модната индустрија. Модните дизајнери отсекогаш биле на челната линија на иновациите и инспирација за идните генерации“, рече шведската амбасадорка Ола Сулстром.