На 25 септември, во Националната опера и балет (НОБ) ќе се одржи изборот на Мис на Македонија за Мис на светот. Пет девојки ќе ја претставуваат Македонија на светски избори за убавина, а победничката оди на Мис на светот за 2026. Организаторите на светскиот избор за убавина уште не го објавија местото каде што ќе се одржи натпреварот.
„Наместо една, ќе бидат избрани пет победнички кои ќе ја претставуваат Македонија на пет различни интернационални сцени: Мис универзум, Мис свет, Мис космо, Мис гранд интернационал и Мис супранационал. Минатата година покажавме дека Македонија има капацитет да организира манифестација од светски ранг. Оваа година одиме чекор понатаму, со повеќе можности за нашите девојки и со амбиција ова да стане настан кој секоја година ќе го става фокусот врз македонските убавина, култура и потенцијал“, вели Шакир Села од модната агенција „Даман“, организатор на изборот.
Села додава дека годинава се очекува уште поголем интерес од лани, како од потенцијалните кандидатки, така и од јавноста и бизнис заедницата.
Апликациите се отворени до 1 септември, а пријавувањето се врши на https://www.missnorthmacedonia.com/.
На 8 октомври лани, во НОБ се одржа изборот на Мис на Македонија за Мис универзум, на кој победи Теа Георгиевска од Куманово. Студентката Чарна Невзати (20) од Скопје ја претставуваше Македонија на изборот на Мис на светот на 31 мај во Хајдерабад, Индија.
„Иако очекував да влезам во првите 40, многу сум среќна што имав чест да го доживеам ова незаборавно искуство. Разочарана сум малку, но овој избор ми донесе повеќе позитивни моменти и не би се осврнувала на пласманот. Сепак, ова е животна шанса“, ни рече Невзати во мај.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ѓ. Личовски