Во Скопје започна 31. издание на Моден викенд Скопје, кој годинава се одржува под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“.
„Се одржаа два настана што ја претвораат теоријата на одржливост во вистинско искуство“, велат организаторите
Во Центарот за поправки „Ништо ново“, Ирина Тошева ја водеше работилницата „Од стара облека до уникатен моден додаток“. Под нејзино менторство, учесниците претвораа заборавени парчиња ткаенина во нови модни додатоци, како ташни и обетки.
Под водство на креаторката и менаџерка Изабела Соколовска, во „Македонско етно село“ се одржа интерактивната работилница „Нишки од природата“.

„Во атмосфера што ги спојуваше природата, традицијата и современиот дизајн, младите учесници работеа со растението јука, експериментирајќи со неговите влакна и природна боја како алтернатива за индустриските текстилни материјали. Процесот опфати рачна обработка на листовите, извлекување влакна и бојадисување со природни пигменти, со што секој учесник создаде свој мал фрагмент на одржлив текстил инспириран од природата.
Како дел од иницијативата ‘Мода и занаети’, студентите и професорите од Интернационалниот балкански универзитет во соработка со ‘Еснаф‘ создадоа рачно ткаен тепих во големи размери, користејќи ја техниката на ткаење со јамки“, велат организаторите.
 
     
                         
                 
                 
                 
                 
                 
                 
                