Монако е втората најмала држава на светот, но, истовремено, и една од најбогатите.
Иако има само 38.000 жители, третина од нив се милионери, кои ги привлекува поволната фискална политика, имајќи предвид дека даноците се укинати во 1869 година.
Се проценува дека 70% од популацијата не е родена во Монако и само 10.000 се локалци.
Најголемиот проблем на Монако е ограниченоста на територијата, па сите негови жители живеат на површина од 2,02 квадратни километри, што е помало од Сентрал парк во Њујорк.
Ситуацијата се влошува како што 40.000 луѓе од Италија и Франција секој ден ја поминуваат границата, одејќи на работа.
Единственото решение за експанзија на државата е морето. Со проектот вреден две милијарди евра, Монако треба да се прошири за дополнителни шест хектари во Средоземното Море.
Кога ќе биде довршена во 2025 година, новата област Портје Ков ќе може да прими нови илјада жители во луксузни апартмани и вили.
„Приходите од продажбата на апартманите и вилите ќе бидат поголеми од 3,5 милијарди евра“, вели Жан-Лик Нгујен, директорот на владиниот проект за проширување.
Цените на земјиште во Монако се едни од најголемите на светот. За еден милион долари можат да се купат 17 квадратни метри, додека во Њујорк за исти пари се добиваат 26 квадрати, а во Лондон – 30.