Младинскиот оркестар на скопската гимназија „Орце Николов“ настапи во Њујорк и се врати со златен пехар, откако претходно ја освои првата награда во категоријата оркестри на Меѓународниот младински музички натпревар (International Youth Music Competitions). Младите музичари настапија во „ДиМена центар“ во Њујорк, каде што пред меѓународна публика свиреа македонски народни песни.
„Имавме историска прилика по освоената прва награда во категоријата оркестри на престижниот Меѓународен натпревар за млади музичари да настапиме во една од реномираните концертни сали во Њујорк со најубавите македонски песни и да се вратиме со златен пехар од американската сцена“, вели Марко Балоски, основач и диригент на оркестарот.
Како победници во својата категорија, учениците добија можност да настапат во Њујорк заедно со други млади таленти.
„Победниците на натпреварот, секој во својата категорија, имаа можност да го покажат својот талент во центарот на ‘Големото Јаболко‘. Токму таму, и младите таленти од гимназијата ‘Орце Николов’ достојно и гордо ја претставија својата земја“, вели Балоски.
Учениците се особено горди што на концертот настапија со репертоар од македонски народни песни: „Налеј“, „Распукала Шар Планина“, „Ој ти момче охриѓанче“, „Послушајте патриоти“ и „Се посврши Сербез Донка“. На програмата беше и нивното „Македонско трио“, сплет од „Македонско девојче“, „Море сокол пие“ и „Јовано, Јованке“, а настапот го завршија со „Бисер балкански“.
Балоски вели дека настапот пред меѓународната публика за нив бил многу емотивен и дека за членовите на оркестарот најважно било што добиле можност преку музиката да ја претстават Македонија.
„Секако дека публиката не можеше да остане рамнодушна на напливот на емоции и енергијата. Убавината не е само во тоа што храбро застанавме на меѓународната сцена, туку и во искреноста и среќата што ги носевме во нашите очи. Дефинитивно, нема поубаво чувство од тоа да ја претставиш сопствената татковина и да му покажеш на светот дека и Македонија има млади со кои може да се претстави и да се гордее“, вели Балоски.

Оркестарот на „Орце Николов“ е формиран во 2024 година по иницијатива на Балоски и уште двајца негови соученици. Она што почнало како идеја македонската народна музика да се слушне во холот на гимназијата, за две години прерасна во оркестар со 23 членови и донесе награди на домашна и на меѓународна сцена.
Прво ја освоија првата награда на државниот натпревар за средношколски оркестри, а потоа и првото место на Меѓународниот младински музички натпревар. За таму аплицираа со снимка од нивниот предновогодишен концерт „Звуците на Македонија во новогодишна хармонија“.
Балоски претходно за СМАРТ СДК.МК кажа дека на натпреварот се пријавиле без големи очекувања и дека веста дека освоиле прво место била изненадување за целиот оркестар. Според него, една од причините за успехот била токму посебноста на македонската народна музика: нејзините неправилни ритми, хармонијата и звукот на традиционалните инструменти.
М. ЏАРОВСКА