ДВАЕСЕТИНА ВИНАРИИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА ОСМОТО ИЗДАНИЕ НА „СВЕТСКИОТ ДЕН НА ВРАНЕЦОТ“ НА 5 ОКТОМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 5 октомври, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се одржи осмото издание на „Светскиот ден на вранецот“, настан посветен на една од најзначајните сорти грозје за македонското винарство.

На винскиот салон годинава ќе учествуваат дваесетина винарии. Посетителите ќе можат да дегустираат различни стилови на вранец, како и други вина од портфолијата на винариите-учесници и храна од локални производители.

Програмата ќе почне во 17 часот со официјално отворање за поканети гости, а од 18 часот салонот ќе биде отворен за посетители и ќе трае до полноќ. За музичкиот дел ќе биде задолжена Марија Јанче.

„‘Светскиот ден на вранецот’ осма година по ред има за цел да придонесе за поголема препознатливост на сортата и за промоција на македонското вино. Вранецот е длабоко поврзан со винската традиција на Македонија и регионот, а во последните години сè повеќе се истакнува и неговиот потенцијал за меѓународна промоција“, велат организаторите.

Билетите се продаваат онлајн на овој линк.