АЛХАР – ШПАНСКО ГРАТЧЕ КОЕ НЕГУВА ТРАДИЦИЈА НА ВЕЧЕРНИ МААЛСКИ СЕДЕНКИ И МУАБЕТИ

Алхар, (Ројтерс)
Algar, un pueblo de la sierra de Cádiz, pide declarar la 'charla al fresco' Patrimonio Inmaterial de la Humanidad

Алхар, гратче во јужна Шпанија со 1.400 жители, нема знаменитости како Мадрид, Барселона или Севилја, но негува традиција на вечерни маалски седенки и муабетења, за која стравува дека е под закана на интернетот и социјалните мрежи. Градот дури покрена иницијатива оваа традиција да биде вклучена на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Со доаѓањето на зајдисонцето и на посвежиот воздух од околните планини, жителите на Алхар, кој се наоѓа во провинцијата Андалузија, почнуваат да изнесуваат столчиња и маси пред своите домови за да муабетат, играат карти или едноставно да се опуштат. Децата им се придружуваат на возрасните, но тинејџери ретко можат да се видат. Градоначалникот Хосе Карлос Санчес се надева дека тоа ќе се промени, повикувајќи што повеќе негови сограѓани да се приклучат на овие дружби и да дадат поддршка за иницијативата до УНЕСКО.

Две недели по покренувањето на иницијативата, никој не седи дома. Сите се на улица и сакаат да му помогнат на Алхар да влезе на листата на УНЕСКО“, вели Санчес.

Тој од дете се сеќава колку жителите на Алхар уживаа на овој начин да го поминуваат времето, но појавата на социјалните мрежи го промени тоа.

Мајка ми има 82 години и секој ден седи на улица. Понекогаш кога се враќам од работа, седнувам со нив. Тоа е најубавиот момент на денот. За многумина, тоа е време кога можат едни на други да си кажат каков им бил денот. Тоа е речиси како терапија“, вели Санчес.

Тешко е да се процени од каде потекнува оваа традиција. Антропологот Хема Карера верува дека произлегла од потребата луѓето да се разладат во вечерните часови и социјализираат во времето пред појавата на телевизијата и клима уредите.