Бившата британска колонија Барбадос следната недела ќе ја отфрли кралицата Елизабета Втора како шефица на државата, раскинувајќи ги преостанатите империјални врски со Британија, речиси 400 години откако првите англиски бродови пристигнале на карипскиот остров. Покрај Барбадос, Елизабета Втора е кралица на уште 15 држави, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Јамајка.
„Ова е крај на приказната за експлоатацијата на умот и телото. Ова е историски момент за Барбадос, Карибите и за сите постколонијални општества. Луѓето од овој остров се бореле не само за слободата и правдата, туку и да ја отстранат тиранијата на империјалната и колонијална власт“, вели сер Хилари Беклс, историчар од Барбадос.
Барбадос е првата држава која ја отстранува власта на британската круна по Маврициус во 1992. Бакингамската палата соопшти дека тоа е внатрешна работа на народот на Барбадос.
Тој бил ненаселен кога Англичаните првпат дошле, но од 1627 до 1833 таму биле донесени 600.000 африкански робови, кои работеле на плантажите, донесувајќи им богатство на англиските сопственици. Ропството целосно било укинато во 1838, а Барбадос се здоби со независност во 1966. Тој ќе биде република во рамките на Комонвелтот, кој обединува 54 држави.
Официјалното прогласување ќе се одржи на 29 ноември и принцот Чарлс најави дека ќе присуствува. На чело на државата ќе биде претседателката Сандра Мејсон.