За првпат од 2011, кога Сирија беше втурната во повеќегодишна граѓанска војна, меѓународните авиокомпании, вклучувајќи ги „Катар ервејс“ и „Туркиш ерлајнс“, продолжија со работа во Дамаск. Иако многу влади ги советуваат своите граѓани да не ја посетуваат Сирија, авантуристичките патнички компании веќе планираат тури за следните месеци.

Само шест недели откако бунтовниците го соборија Башар ал-Асад, туристичката агенција на Ајуб Алсмади ги пречека првите туристи на либанско-сириската граница во средината на јануари.
„Во моментов, поради војната, секој човек во светот знае за Сирија. Сега Асад го нема и сигурен сум дека туристичката индустрија ќе расте брзо. И штом владите ќе престанат да велат ‘Не одете во Сирија‘, туризмот ќе експлодира“, вели Алсмади.
Пред почетокот на војната, 10 милиони туристи ја посетиле Сирија во 2010, а туризмот обезбедувал 14% од бруто домашниот производ на земјата. Со историја која датира од антиката, туристите се привлечени од остатоците на древниот град Палмира (фото), пустинскиот пејзаж исполнет со средновековни замоци и медитеранското крајбрежје, додека Дамаск е еден од најстарите постојано населени градови на светот.

Дилан Харис, основачот на британската туристичка компанија „Лупин травел“, штотуку се врати од 10-дневната проценка на безбедноста во Сирија пред претстојните тури закажани во мај.
„Во областите што ги посетивме е најбезбедно во последните 14 години. Свесни сме дека уште е многу рано и ситуацијата може брзо да се промени. Во моментов, земјата е стабилна, но ќе стане појасно во март/април“, кажа Харис.

Пред војната, туристите најмногу ги интересирала историјата, но сега во турите би можеле да бидат вклучени и места како бившиот затвор Сајднаја, кои ја прикажуваат мрачната страна на режимот на Асад.
„Туристите ќе сакаат да знаат за војната. Треба да ги претвориме во музеи затворите каде што мачеа и убиваа луѓе. Тоа е нешто што никогаш не треба да го заборавиме“, смета Алсмади.
(Фото: Гети)