Пред пет века, богат германски трговец ги ставил своите куќи на располагање на сиромашнте. Населбата постои и денес, а годишниот наем е непроменет и симболичен.
Сместена во баварскиот град Аугзбург, населбата Фугерај се смета за најстариот социјален проект на светот, кој и натаму им дава покрив над глава на локалните жители кои имаат финансиски проблеми. Тие плаќаат годишна кирија од 88 центи, цена која е воведена уште во 1521 година.
Денес, 150 луѓе живеат во Фугерај, распоредени во 140 станови. Населбата добива 30-40 апликации годишно и моментално, 80 луѓе се на листата за чекање.
Условите за живот во Фугерај ги утврдил Јакоб Фугер пред точно 500 години. Во куќите биле сместувани занаетчии и физички работници кои малку заработувале, но не и питачи. Станарите морале да потекнуваат од Аугзбург и да бидат католици. За возврат, тие плаќале годишна станарина од еден рајнски гулден, што е рамно на помалку од едно евро денес и морале трипати дневно да се молат за спас на душата на Фугер.

Ноел Габадија (27) се доселил во Фугерај кога бил тинејџер, зашто неговата самохрана мајка не заработувала доволно.
„Ние бевме прво семејство со мигрантско потекло во населбата и бев загрижен како ќе нè прифатат, зашто тука главно живееја постари луѓе. Моите стравови беа неоправдани. Овдека сè се решава со комуникација и луѓето лесно се зближуваат“, вели Габадија.
Илона Барбер (70) живее во населбата веќе шест години, а се пријавила зашто имала премала пензија. Дели стан од 55 квадрати со две кучиња, две мачки и шест птици. Таа, меѓу другото, на туристите им наплатува влез во Фугерај, што е еден од главните извори на приходи за населбата.
Фугерај личи на затворена средновековна заедница, во која има зелени простори, мал проштад и фонтана. Жителите често го опишуваат како „село во рамките на град“.