Од денеска до сабота, на 15 локации низ Скопје ќе се одржува фестивалот на светлината Skopje Light Art District. Четвртото издание на фестивалот симболично започнува на 8 септември, во чест на 30-годишнината од независноста на државата.

Од шалтер салата на Пошта до Градски парк, 25 дизајнери и уметници ќе ја претстават магијата на светлосната уметност.

„Замислата на фестивалот е да внесе малку светлина и боја во секојдневието и да ни ја покаже убавата, шаренолика страна на животот“, кажа градоначалникот Петре Шилегов.

Skopje Light Art District потекнува од проектот ROCK, дел од програмата на ЕУ „Хоризонт 2020“, наменета за истражување и иновации, каде што Град Скопје е вмрежен и разменува искуства со уште 11 градови од Европа. Фестивалот црпи директна инспирација од најстариот фестивал на светлосна уметност Fête des lumières, кој секоја година се одржува во Лион и датира од далечната 1643.