ГОРИЦА И НОВА ГОРИЦА ЌЕ СЕ ОБЕДИНАТ ПО 78 ГОДИНИ КАКО ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2025

Лондон, (Би-Би-Си)

Во 1947 година, Горица ненадејно беше поделена меѓу Италија и Југославија. Во 2025, двата града ќе се обединат како прва транснационална Европска престолнина на културата.

Нова Горица е скромен, но убаво испланиран модернистички град во Словенија со 30.000 жители. Но, потребни се само неколку чекори за да се премине невидлива граница со Италија и да се влезе во средновековниот град Горица, без да се покаже пасош.

Нова Горица и Горица своевремено беа едно. Тие беа создадени и разделени во 1947 со Парискиот договор, со кој беа востановени нови европски граници. Сојузничка комисија одлучила Горица да ѝ припадне на Италија, а помалку развиениот дел од градот да влезе во составот на Словенија во рамките на тогашна Југославија. Новиот град го доби името Нова Горица.

Со влегувањето на Словенија во ЕУ во 2004, границата меѓу двете држави, па и двата града беше избришана и тие сега за првпат од 1947 повторно ќе бидат едно, макар и на краток период. Поради новиот статус, се очекува меѓу два и пет милиони туристи да ги посетат двата града во 2025, наспроти вообичаените 250.000 туристи годишно.

Невидлива граница меѓу двете држави минува низ плоштадот Трансалпина (Фото: Шатерсток)

Двата града не можеа да бидат поразлични. Горица е старосветска, калдрмена и исполнета со живи кафулиња и во неа доминира импозантен замок со музеј преполн со интерактивни експонати и високотехнолошки инсталации кои го прикажуваат животот во замокот низ вековите.

Нова Горица, дизајнирана да му покаже на светот дека Југославија на Јосип Броз Тито била способна за урбан развој од големи размери, е модернистичка, а поновата бетонска архитектура е најочигледната трага дека сте ја преминале границата. Иако не изгледа гламурозно на прв поглед, набрзо се откриваат скриени градини, распаднати палати и соцреалистични фрески.

Административно, Горица и Нова Горица се два града, но речиси сите што живеат овде зборуваат и словенечки и италијански, а локалното население работи од двете страни на границата. Не секогаш знаете дека сте влегле во другата држава: од 2004 нема контролен пункт и бариера. Сепак, границата се слави на плоштадот Трансалпина пред главната железничка станица, која технички е во Словенија.

Кога беше исцртана границата, семејствата имале два месеца да одлучат дали сакаат да бидат Југословени или Италијанци. Сите овде имаат семејство од двете страни“, кажа професорот Алекс Тамер.

(Фото: Гети)