ЦЕЛ РЕГИОН ВО АВСТРИЈА ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ВО 2024

Брисел, (Јуроњуз)

Првпат досега, цел регион ќе биде Европска престолнина на културата. Покрај норвешкиот град Боде и Тарту во Естонија, на 1 јануари оваа титула ја презема и австрискиот регион Салцкамергут.

Со повеќе од 200 проекти во текот на 2024 година ќе учествуваат 22 гратчиња од овој регион, од кои како главен ќе се води Бад Ишл, каде што ќе се одржи големото отворање на 20 јануари.

Санкт Гилген сместен на брегот на езерото Волфгангзе (Фото: Гети)

Салцкамергут се карактеризира со неверојатни планински и езерски пејзажи и со богата историја, во која се измешани сол, вода и дрво. Со историја која датира од пред 7.000 години, регионот има долга традиција на ископување сол, која не само што се одржа, туку и се поврза на глобално ниво.

Езерото Траунзе (Фото: Пиксабеј)

Тамошниот рудник за сол е признат за најстар на светот и посетителите имаат можност да се спуштат 400 метри под земја и да ги истражат рачно ископаните тунели.