СОЛ, САУНА И ПОЛАРНИ НОЌИ – ЕВРОПСКИ ПРЕСТОЛНИНИ НА КУЛТУРАТА ВО 2024 СЕ ВО АВСТРИЈА, ЕСТОНИЈА И НОРВЕШКА

Берлин, (Дојче веле)

Градови во Австрија, Естонија и Норвешка ќе бидат европски престолнини на културата во 2024, каде што се подготвуваат културни спектакли.

Бад Ишл предводи 22 гратчиња од австрискиот регион Салцкамергут кои заеднички ќе ја слават оваа титула во текот на годината. Кураторката на тамошната програма Елизабет Швегер објаснува дека сакаат да ги истакнат позитивните и негативните страни на целиот регион, а не од тоа да прават некаков фестивал или огномет. Главната карактеристика на ова подрачје се древните рудници за сол.

„Изникнавме од солта, се збогативме од солта и со неа одиме во иднината. Со ова додаваме уште еден неопходен елемент: култура, таа е мотор за соживот“, вели Швегер.

Тарту се смета за лулка на естонската национална свест (Фото: ДПА)

Иако со 100.000 жители е вториот по големина град во Естонија, Тарту не е толку познат. Но, тоа е стар универзитетски и трговски град, кој имал богат живот уште во среден век.

„Тарту отсекогаш бил центар на науката, образованието и културата во Естонија. Тарту е еден од најстарите градови на целиот Балтик, лулка на естонската национална свест, па и на целата држава“, вели градоначалникот Урмар Клас.

Меѓу најавените настани се фестивал на масовно бакнување и фестивал на полемики во сауна.

Буде е првата европска престолнина на културата која се наоѓа над Арктичкиот Круг (Фото: Шатерсток)

Сместен на крајниот север на Норвешка, Буде е првата европска престолнина на културата која се наоѓа над Арктичкиот Круг. Повеќе од илјада манифестации ќе се одржат низ големиот регион Нордланд, кој се простира на 800 километри, при што посебно место ќе добие културата на домородното лапонско население.

(Фото: ДПА)