Кафулињата и баровите се заштитен знак на урбаниот живот на Париз и нивното повторно отворање по цели 11 недели им донесе радост на многумина.
Во новите околности, градоначалничката Ан Идалго им дозволи на сопствениците на локалите да окупираат и тротоари и улици и на нив да ги прошират своите тераси. Главен услов е меѓу масите да има растојание од барем еден метар.

„Париз со намера е конструиран за луѓето на улиците, да биде виден, да може да се цени визуелно. Доколку ги нема пешаците кои разгледуваат наоколу, сите тие градини и куќи ја губат смислата на постоењето“, вели Жоан Дежан, хроничарка на француската култура.

Според неа, за време на пандемијата, два града особено биле фотографирани во својата испразнетост: Венеција и Париз.
„Париз тешко може да се препознае без луѓето кои уживаат во него“, вели Дежан.