МЕСТО МОРЕ И СОНЦЕ, АЛБАНИЈА СЕ ВРТИ КОН ПРИРОДАТА И АГРО И ЕКОТУРИЗМОТ

Тирана, (Гардијан)

Албанија, една од најбрзо растечките патувачки дестинации во Европа, ќе се фокусира на алтернативниот, место на масовниот туризам, што, според владата, ќе ја разликува од конкурентските земји. Некогаш најзатворената држава во Европа сега важи за трендовска и егзотична, при што лани привлекла 7,5 милиони посетители, повеќе од рекордните 6,4 милиони во 2019.

„Албанија сега е поинаква држава во споредба со десет години порано. Работите брзо се менуваат. Албанија 2023 е полна со позитивна енергија“, вели министерката за туризам и животна средина Мирела Кумбаро.

Водопад на планинскиот масив Проклетие (Фото: Алами)

Оддалечувајќи се од традиционалниот модел „сонце и море“ што го нудат нејзините медитерански соседи, Албанија сака да се ребрендира во врвна квалитетна дестинација.

„Плажите не се уникатни. Она што е уникатно за Албанија е недопреното, неоткриеното. Ние нема да промовираме одмори на плажа, туку агротуризам и екотуризам, што ќе се потпираат на спектакуларните пејзажи од планини, шуми и крајбрежје. Сакаме туризам кој е еколошки, одржлив и одговорен. Не сакаме туризмот да биде концентриран само на одредени области, туку да се фокусира на културното наследство, гастрономијата, планинарењето, рафтингот, природата“, вели Кумабро.

Внатрешноста на земјата и северниот алпски регион, дом на планинскиот масив Проклетие, нуди неспоредлив потенцијал за агро и екотуризам.

За да го поттикне туризмот, премиерот Еди Рама неодамна најави дека ќе го прогласи сливот на реката Вјоса и на нејзините притоки за нов национален парк, прв од таков вид во Европа. Долга 273 километри, Вјоса се рекламира како последната дива река во Европа и е дом на над илјада животински и растителни видови. Тече слободно од својот извор во Грција и на неа не е изградена ниедна брана.