НАЈТОЛЕРАНТЕН ГРАД ВО ХРВАТСКА – РИЕКА ГО ПРЕЗЕДЕ СТАТУСОТ НА ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА

Риека, (Дојче веле)

Со доаѓањето на новата година, Хрватска почна да претседава со Европската Унија, а еден нејзин град го презеде статусот на Европска престолнина на културата, заедно со ирски Галвеј.

Риека не е многу популарна туристичка дестинација. Многумина преферираат да одат во Опатија или во другите живописни градови на брегот на Јадранското Море. Риека нема атрактивни плажи, туку отсекогаш била поважна како пристаништен и културен центар, одликувајќи се со средновековни тврдини, убави хабсбуршки палати, модернистички пазари и плоштади во италијански стил. Во времето на Југославија, Риека прерасна во индустриски град, зголемувајќи го населението на 200.000 жители (денес има околу 130.000).

Градот доби 40 милиони евра од Европската Унија за одбележување на својот годинашен статус, но место да гради нови згради, главно вложи во старото.

Галвеј и Ирска оваа година се европски градови на културата

„Напуштените индустриски објекти се дел од идентитетот на градот, имаат раскажувачка вредност и затоа решивме да не ги уриваме, туку да ги редизајнираме“, вели Ирена Крегар-Шегота, комуникациски менаџер на „Риека 2020“.

Во музеј е претворен и стариот воен и товарен брод „Галеб“, кој своевремено му припаѓал на Тито.

„Некои се скептични што го презентираме ова поглавје од нашата историја, но нашата цел е да ја покажеме целата историја на бродот, која почна многу пред Југославија и Тито. Веруваме дека бродот како музеј може да биде туристичка атракција“, додаде таа.

Мотото на Риека ќе биде „Пристаниште на различности“, имајќи предвид дека во историјата на градот се измешани разни националности, религии и култури.

„Риека е град на толеранција, кој не само што ги прифаќа различностите, туку и живее со нив. Ние сме прв град од Хрватска кој стана дел од мрежата ‘Меѓукултурни градови‘ на Европскиот совет. И затоа го избравме ова мото“, вели Крегар-Шегота.

Наспроти Риека е Галвеј, мал универзитетски град со 80.000 жители, лоциран на западниот брег на Ирска.

„Галвеј е како Барселона, но со дожд. Овдека врне 240 денови во година. А, ако не сакате дожд, едноставно влезете во првиот паб“, вели Хелен Мериџ, креативната директорка на културната програма.