Сингапур ерлајнс (СИА) денеска и официјално ги лансираше новите модели „Ербус А380“, кои располагаат со најлуксузниот ентериер за авиони виден досега.

Нивната изградба траеше четири години. Нормално дека најатрактивните простории се тие од првата класа. Таа се состои од шест кабини во вид на апартмани на горниот кат на авионот, со што СИА сака да создаде атмосфера на „ексклузивност и интимна приватност“.

Секој апартман има автоматизирана кожна столица, ХД-телевизор, плакар, кревет и секако приватен тоалет. Доколку патувате во двојка, тогаш може да се спојат два апартмана, за креветот да се претвори во брачен.

Бизнис класата не е толку помалку луксузна од првата, располагајќи со седишта кои можат да се симнат во целосно лежечка позиција (Фото: Сингапур ерлајнс)

Од друга страна, бизнис класата не е толку помалку луксузна од првата, располагајќи со седишта кои можат да се симнат во целосно лежечка позиција.

Друга интересна карактеристика на новите авиони на СИА е што тие имаат опција за зачувување на филмовите и емисиите, што веќе сте ги гледале. Ако сте стигнале до половина од филмот „Спајдермен“, следниот пат кога ќе летате со авион од компанијата, преку логирање на програмата „КрисФлајер“ ќе можете да го догледате.

Исто така, алкохолот е бесплатен, а на седиштата има инсталиран читач на кредитни картички, што, според компанијата, ќе почне да се користи во блиска иднина.

Сите кои ќе патуваат од Сингапур за Сиднеј на 18 декември ќе бидат првите кои ќе стапнат во новите авиони А380.