СКАНДИНАВСКАТА КОМПАНИЈА „САС“ НУДИ КАРТИ ЗА ЛЕТ ВО НЕПОЗНАТ ПРАВЕЦ

Копенхаген, (АФП)

Скандинавската авиокомпанија „САС“ понуди карти за патување во непознат правец. Во рок од неколку минути од лансирањето на услугата „Непозната дестинација“, компанијата примила повеќе од илјада пријави. Регистрацијата беше отворена само 24 часа.

Авантурата закажана за 5-8 април ќе ги однесе патниците на мистериозна дестинација.

Патувањето ќе почне на аеродромот во Копенхаген, а патниците дури по полетувањето ќе добијат одредени насоки што ќе им ја навестат дестинацијата. Од компанијата велат дека летот ќе трае неколку часа, а конечното одредиште ќе биде откриено за време на патувањето и патниците таму ќе имаат три ноќевања.

Концептот „Непозната дестинација“ има за цел да внесе возбуда и новини во искуството на патувањето. Патниците ќе можат да учествуваат во заеднички активности, што претходно ќе ги изберат преку апликација.