ТОСКАНА ЌЕ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ГОЛЕМА УМЕТНИЧКА ГАЛЕРИЈА СО ДЕЛАТА ОД УФИЦИ

Фиренца, (Дојче веле)

Уфици е една од најславните и најпосетувани уметнички галерии на светот, во чија колекција на ренесансни ремек-дела се наоѓаат Микеланџело, Ботичели, Да Винчи, Рафаело и Караваџо. Со цел да се растовари од туристи, но и да извади бројни дела од своите складишта и да ги покаже на пошироката јавноста, Уфици во наредните години ќе ја претвори целата Тоскана во голема уметничка галерија.

Во рамките на овој проект, слики и скулптури од Уфици ќе бидат распоредени на повеќе од 100 локации низ регионот, познат по убави вина и питома природа.

„Проектот ќе ги прикаже делата во нивниот локален контекст и ќе го сврти вниманието кон различни делови од културната историја на Тоскана, мотивирајќи ги туристите повеќе да го истражуваат регионот, а не само Фиренца“, изјави директорот на Уфици, Ајке Шмит.

Првата станица на турнејата е островот Елба, каде што до 10 октомври се одржува изложба на дела поврзани со војската и политичките лидери.

„Благодарение на оваа иницијатива, ќе можеме да уживаме во богатствата на Уфици, кои инаку би останале непознати за нас“, изјави претседателот на Тоскана, Еугенио Џани.