Туристите од Европа сѐ повеќе сакаат спокоен одмор на кој ќе ја истражуваат локалната култура. Шеесет проценти од европските патници планираат во наредните месеци да престојуваат на една дестинација, наместо да патуваат низ различни региони, според извештајот „Monitoring Sentiment for Intra-European Travel“ на Европската комисија за патувања.
Турција е популарна дестинација за европските туристи поради богатата традиција и локалните сезонски производи.
Како еден од најавтентичните начини да се искусат локалните традиции се смета учеството во сезонските берби на маслинки низ државата. Со производство на 50 до 80 различни сорти, Турција е еден од петте најголеми светски производители на маслинки и на маслиново масло, а Советот на Европа ја прогласил земјата за една од маслиновите рути поради долгогодишната традиција на одгледување на овој медитерански деликатес.
Бербата почнува во овој период, со заладување на времето. Жителите собираат маслинки и ги носат во локалните мелници, каде што се произведува маслиново масло, што е интересно за туристите, па тие често сакаат не само да гледаат, туку и да се вклучат во оваа локална практика.
За маслинките се претпоставува дека потекнуваат од Анадолија, а се одгледуваат низ целата држава. Егејскиот брег на Турција е водечки производител, бидејќи таму се наоѓаат 75 проценти од сите маслинови дрвја во земјата. Таму маслинките не се сметаат само за извор на приходи, туку и за начин на живот. Целиот регион оживува кога почнува сезоната на берба, а сите семејства работат заедно за да се обезбеди масло за следната година. Маслинките можат да се берат и со помош на машини, но локалните жители најчесто ја избираат рачната берба, бидејќи екстра-девственото маслиново масло што се добива на тој начин е најквалитетно.

Како најдобра рута да се доживее бербата се смета „Патеката на маслиновото дрво“. Таа почнува на планината Ида, а продолжува со Музејот на маслиново масло „Адатепе“ во Чанаккале, прв ваков музеј во Турција. На таа патека е и Ајвалик во Баликесир, дестинација чии масла се заштитени со географска ознака. Следна станица е Маниса, каде што се наоѓа маслиновото дрво Киркагач, кое е старо 1.650 години и е едно од најплодните маслинови дрвја во светот. Следува Измир, кој се смета за град со висок квалитет на живот, а привлечни се и неговите мали места Чешме, Урла, Сеферихисар, Ѓузелбахче, Мендерес и Селчук.
Во Урла, каде што е еден од најстарите центри за производство на маслиново масло, од 6. век пред нашата ера, може да се истражи историјата на маслинките. Во тамошниот музеј има презентација како се одгледувала оваа култура 4.000 години наназад.
Маслинките се значаен дел од турската кујна, па „Мишелин“ рестораните во Урла нудат јадења подготвени со локално маслиново масло.