ТУРСКОТО ЕЗЕРО САЛДА ЛИЧИ НА МАРС, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИТЕ

Турција, (Си-Ен-Ен)

Со својата тиркизна вода, езерото Салда во Турција често се промовира како „Малдиви на Турција“. Мирно и опкружено со див свет, езерото се наоѓа во југозападниот дел на земјата.

Плажите со бел песок се една од причините што го посетуваат туристи. Според научниците, езерото Салда е место на Земјата што најмногу личи на кратерот Језеро на Марс, што го прави особено интересно за вселенските научници.

Бриони Хорган, професорка на Катедрата за атмосферски и планетарни науки на Универзитетот Пердју, отпатувала во Турција во 2019 со тим на НАСА за да го проучува мистериозното езеро и била импресионирана од неговата сличност со далечната планета.

„Тоа е навистина неверојатно уникатно место. И на многу начини се чувствував како да стојам на брегот на Језеро на Марс“, кажа Хорган.

Таа вели дека сливот на Салда бил создаден на дното на океанот кога океанската кора се распарчила и направила нова кора директно од внатрешноста на Земјата. Овој процес, вели Хорган, е заслужен за сличноста на околината на Салда со Марс.

Салда е дом на 301 жив вид, што вклучува три ендемични вида риби и над 30 видови водни птици.

„Најдобрата сезона за посета на Салда е пролет и почеток на лето. Сепак, можете да го посетите езерото во секое време од годината, вклучително и во зима, зашто е блиску до ски-центарот Салда“, вели туристичкиот водич Хасан Гулдај.

(Фото: Дејли Сабах)