Властите на Вилнус ги објавија плановите за претворање на градот во едно големо кафуле на отворено, така што првпат ќе ги отстапат јавните простори на угостителските објекти, кои ќе можат да постават маси со запазување на правилото за социјално дистанцирање.

Во Литванија досега има 1.344 случаи на коронавирус и 44 починати. Како дел од стратегијата за постепено излегување од карантин, властите ќе им дозволат на луѓето да седат во кафулињата и рестораните на отворено, а со работа повторно почнуваат и фризерските салони и речиси сите продавници.

Најмногу двајца луѓе ќе можат истовремено да седат на една маса, а меѓу масите ќе мора да има растојание од барем два метра.

Јавните простори во Вилнус досега ретко смееја да се користат од ресторани и кафулиња, но со новата одлука властите сакаат да им помогнат во овие тешки времиња. Повеќе од 160 локали веќе имаат поднесено барање за надворешно седење.