ВО ИТАЛИЈАНСКОТО СЕЛО ОЛОЛАИ МОЖЕ ДА КУПИТЕ КУЌА ЗА ЕДЕН ДОЛАР

Ололаи, (Си-Ен-Ен)

За сите оние кои сонувале да живеат во мало италијанско село, веста која сте ја очекувале конечно пристигна.

Во Ололаи, во планинскиот регион Барбаџа на медитеранскиот остров Сардинија, преку сто напуштени куќи се продаваат за 1,2 долари.

Меѓутоа, оваа зачудувачки ниска цена се компензира со потребата за нивно реставрирање, кое е задолжително за секој купувач, а е пресметано дека би чинело околу 25.000 долари.

Идејата за продавање на старите куќи е начин да заживее заедницата, место да остане како град на духови. Во последната половина на векот, населението на Ололаи се намали од 2.250 на 1.300 жители, а бројот на новороденчиња беше премал.

Градоначалникот Ефицио Арбау вели:

„Ние сме горди на нашето праисториско потекло. Целта на мојата борба е да ги спасам уникатните традиции од целосен заборав“.

Некогашниот главен град на Барбаџа останува најнедопрениот и автентичен дел на Сардинија.

Иако младите се преселија во поголеми градови, некои традиционални начини на живот опстојуваат. Локалните пастири продолжуваат да го прават овчото сирење казу фиоре сардо, додека занаетчиите сѐ уште ткаат убави предмети.