ПОЧНУВА 50. ИЗДАНИЕ НА СВЕТСКАТА СЕРИЈА ВО ПОКЕР – СЕКОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ И ДА ОСВОИ МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Лас Вегас, (АП)

Десетици илјади професионални и аматерски играчи на покер секое лето доаѓаат на аџилак во Лас Вегас, со надеж дека оттаму ќе се вратат побогати. Меѓу нив има и стари и млади, но главно се машки. Доаѓаат луѓе кои се откажале од факултет, сметководители, директори, актери, спортисти, комичари…

На Светската серија во покер, чие 50. издание почнува следната недела и трае до 16 јули, сѐ е можно.

„Убавината на покерот е што секој може да игра и секој може да победи. На Светската серија редовно има изненадувачки приказни и тоа е она што сите го сакаме“, вели Тај Стјуарт, извршен директор на Серијата.

Настанот го почнал Бени Бинион во 1970 година, кога поканил неколкумина играчи во казино во предградие на Лас Вегас. Тие биле елитни покераши, но победникот добил трофеј, а не награда од неколку милиони долари.

Во меѓувреме, Серијата се трансформираше во феномен, поделувајќи награди во вкупна вредност од три милијарди долари, со преноси во живо на телевизија и интернет. Оваа година се очекува рекордна бројка учесници, а досега се пријавени 122.473. Ланскиот награден фонд од 266 милиони долари бил поделен меѓу 18.105 играчи.

„Кога почнувавме, имаше малкумина играчи надвор од САД, а сега има еден тон луѓе, кои доаѓаат од секаде“, вели Ти Џеј Клутие, шесткратниот освојувач на престижната златна нараквица.