Познати личности беа модели на традиционалната модна ревија на венчални фустани во рамките на 14. Саем за венчавки во Скопје, кој почна вчера (20 февруари) и ќе трае до утре (22 февруари) во хотелот „Александар палас“.

Диригентката Бисера Чадловска, поп-пејачката и харфистка Сара Мејс, Мис на Македонија Чарна Невзати, моделите Светлана и Моника Црнокрак, професорката Калтрина Круезиу, водителката Емакулате Вандера-Блажеска, моделот Маја Ристевска и други беа модели на ревијата која ја водеше Ангела Апостоловска.

Како модел настапи и поп-пејачката Антониа Гиговска која на крајот го испеа својот хит „Жена“ од Макфест од 2024.

На отварарањето на ревијата, со една од најпопуларните песни која младите ја бираат за првиот свадбен танц, „Лебедот бел“, настапи Никола Перевски-Пере од „Нокаут“.

Тој хитот го испеа заедно со публиката и најави концерт на „Нокаут“ како прослава на 30 години на сцената на 9 мај во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Дел од музичката програма беа и танчари со аргетинско танго и квартетот на виолинистката Пламенка Трајковска.

„Саемот за венчавки повторно ги обединува на едно место најрелевантните професионалци од свадбената индустрија.

На изложбен простор од повеќе од 1.500 квадратни метри учествуваат над 50 изложувачи.

Посетителите имаат можност директно да се информираат, споредуваат и планираат, од венчаници и костуми до декорации, фотографија, музика и целосна организација на венчавка.

Саемската програма е збогатена со модни ревии, презентации и тематски разговори“, рекоа организаторите, магазинот „Во бело“.

Денес (21 февруари), Саемот се отвара во 10 часот, а се затвара во 20, а од 17 часот ќе има музички настап.

Утре (22 февруари), Саемот исто така почнува од 10 часот, а се затвара во 19.

М. ЏАРОВСКА