РИЈАНА ГОРДО ЈА ИСТАКНУВА БРЕМЕНОСТА ВО ФОТОСЕСИЈАТА ЗА „ВОГ“

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Ријана е ѕвездата на новото, мајско издание на магазинот „Вог“, каде што во ексклузивна фотосесија гордо ја истакнува својата бременост, која е во поодмината фаза. Поп дивата во јануари откри дека чека бебе со своето момче, раперот АСАП Роки.

„Кога дознав дека сум бремена, си помислив нема шанси да купувам трудничка облека. Премногу е забавно да се дотеруваш. Си реков нема да дозволам тој дел да исчезне зашто моето тело се менува“, изјави Ријана за „Вог“.

Во фотосесијата што ја правеше легендарната Ени Либовиц, Ријана позира во различни модни комбинации во париски хотел, нагласувајќи го своето трудничко стомаче во креации на Жан Пол Готје, Рик Овенс и Марк Џејкобс.

„Во почетокот очекував некои магични промени, но останав она која што сум. Не одбивав да се појавам на настани. Моето тело прави неверојатни работи сега и нема да се срамам од тоа. Ова треба да биде време на славење. Зошто би ја криела бременоста?“, вели Ријана, која не открива кога треба да се породи.

(Фото: Вог)